Денеска разговараме со Никола Тасиќ, предавач на Front-end Академијата по предметот JavaScript. Никола е искусен фронт-енд девелопер кој веќе неколку години работи во Web Factory. Она што им го пренесува на студентите е пристапот кој треба да го развијат кога ќе се соочат со предизвик и реални проблеми.
Никола, кажете ни нешто повеќе за Вас и вашата професија.
Со програмирање почнав да се занимавам уште додека бев во средно, а моето прво професионално работно искуство го стекнав кога бев втора година на ФИНКИ. Во тоа време се вработив како фронтенд девелопер каде што со помош на AngularJs изработувавме SaaS решение. 2 години подоцна се вработив во мојата сегашна компанија Web Factory. Тука стекнав огромно искуство околу Frontend development, работејќи најмногу со Angular и React. Секојдневно ми претставува задоволство да се занимавам со ова бидејќи сметам дека нашата професија пред се е многу интересна бидејќи се соочуваме со разни предизвици. Но морам да напоменам дека оваа професија бара многу посветеност и секојдневно следење на технологиите.
Кое достигнување во вашата кариера Ве прави најмногу горди?
Помагањето на другите и успех на целиот тим со кој работам ми е број еден приоритет. Тука можам да ја вклучам и оваа соработка со Creative Hub каде што добив можност да го споделам моето знаење со студентите и да им помогнам во градење на нивните кариери, што ми претставува огромно задоволство.
Колку време предавате на Front-end Академијата?
Во февруари стартувавме со првата генерација на Front-end Академијата, па можам да кажам дека сум тука од почеток. Има прекрасни студенти кои се залагаат во креирање на нивните нови кариери, и 90% немаа никакво претходно знаење или искуство во програмирање. Задоволен сум од тоа како се одвива првата Академија од овој тип, каде што собравме доста повратни информации за тоа како можеме и ние како предавачи да ја подобриме Академијата. Со другите предавачи и со асистентот навистина го следиме секојдневно развојот на секој студент и комуницираме меѓусебно како можеме да им помогнеме и што им претставува предизвик.
Може ли да издвоите некој студент на кого сте особено горди?
Па, не би можел да издвојам еден студент, бидејќи за мене сите оние кои се залагаат, работат напорно и учат нови работи, заслужуваат да бидеме горди на нив. Но можам да издвојам дека дел од студентите веќе започнаа со пракса како јуниор програмери, конкретно знам за еден студент Ристо Капсаров кој започна со пракса како јуниор фронтенд девелопер во Акринум, кој е пример за некој кој одлучил да ја промени професијата кога започна на Академијата. Се надевам дека по завршување на Академијата сите ќе ја добијат и заслужената награда со вработување за да можат да го искористат наученото.
Што е она што сметате дека најмногу им е потребно на студентите да гo научат на Вашиот предмет JavaScript?
На предметот JavaScript како и кај сите други професии, мотивот и желбата за учење е она што најмногу им е потребно на студентите. За да сме во чекор со технологијата мора многу да се трудиме и она што го работиме да не прави среќни. Со брзиот развој на технологијата, секојдневно мора да изучуваме нови работи и да се прилагодуваме на истата. Работа во тим и одговорноста е исто така многу значајна особина која треба да ја поседуваат студентите, тоа ќе им помогне во развивање на нивните кариери.
Зошто сметате дека Академиите како Creative Hub се добри? Како ова го промени начинот на учење?
Мислам дека овој тип на Академии се доста добри за оние кои што планираат да направат промена на својата професионална кариера. Со помош на програмите кои се направени, фокусот да е на изучување на најзначајните делови може многу лесно да се навлезе во новата професија. Секако, истите може да помогнат и на младите кои што би го продолжиле своето надоградување на факултет или како дел од некоја компанија.
На огласите за вработување се повеќе се бара апликантите да поседуваат практични вештини, кои вештини ќе ги стекнат студентите на Вашиот предмет?
На мојот предмет, студентите би ги стекнале сите основни практични вештини кои би им користеле во понатамошната работа. Покрај теоретските предавања, голем фокус се става и на решавањето на практични задачи и проекти. Како дел од Академијата, покрај часовите за предавање, имаме и часови за вежбање кои се одржуваат секоја сабота. На крајот од Академијата студентите ќе се стекнат со комуникациски вештини, работа во тим, одговорност како и вештини за решавање на секојдневните предизвици на кои ќе наидуваат.
Доколку сакаш да биде дел од Front-end Академијата можеш да се пријавиш сега. Контактирај не на 071 214 849 или прати ни маил на contact@creativehub.mk.
Доколку имаш прашања за Академијата, можеш да закажеш разговор со нашиот координатор Стојанчо на следниов линк.