fbpx

Како Ковид-19 не научи на предностите на Дигиталниот Маркетинг

Ковид-19 не натера да направиме реевалуација на најважните работи во нашиот живот. Светот каков што го знаевме се смени. Како никогаш досега нашата генерација не била принудена да ја промени својата рутина, да ги промени своите навики и пред се да ја смени социјалната интеракција.
Како Ковид-19 не научи на предностите на Дигиталниот Маркетинг
05.07.2021

пишува Митко Сланинкоски, Академија за дигитален маркетинг

Ковид-19 не натера да направиме реевалуација на најважните работи во нашиот живот. Светот каков што го знаевме се смени. Како никогаш досега нашата генерација не била принудена да ја промени својата рутина, да ги промени своите навики и пред се да ја смени социјалната интеракција.

Мене лично корона вирусот ме научи многу работи за мојот приватен и професионален живот. Научив дека не само што светот е поврзан на начин на кој претходно не сум ни помислувал. Тој толку ни го смени животот што го доведе до ниво на непрепознатливост. Она што можеме да заклучиме е дека светот што го познававме неповратно се смени. Прашањето дали ќе продолжи онаму каде што застана, сега за сега не може никој да го одговори.

Но она што охрабрува е тоа што стануваме се повеќе свесни за работите кои ни се потребни за да преживееме.

Навиките на потрошувачите рапидно се сменија со ширење на вирусот со што се предизвика невиден потрес во светската економија.

Една од работите што моравме да ги направиме беше социјалната дистанца. Секако да не ги забораваме и повремените затворања на државите. Се со цел да се намали ширењето на вирусот.

Ова значеше 2 опции за бизнисот за време на Ковид-19 пандемија. Првата беше комплетно затварање на бизнисите и повторно отварање во блиска иднина. Секако, кога се ќе се врати во нормала. Втората опција беше еволуција на бизнисот преку употреба нови дигитални технологии се со цел компаниите да преживеат. 

Во вакви ограничувачки услови (Ковид-19 пандемија) се наметнуваат 3-те правила на економската логика:  

  1. Прво што прават компаниите е да скратат на рекламен материјал и на реклами. 
  2. Второ да ги намалат платите на работниците се со цел да се направи економски баланс на компаниите. 
  3. И трето, најболната работа е да се отпуштат дел од работниците се со цел да се спаси компанијата од пропаст.

Една од работите што ги направија дел од дигиталните маркетинг агенции е што го запреа рекламирањето и маркетингот. Во време на Ковид-19 ова беше фатална грешка на компаниите. Според мене, зошто на тој начин се спречи бизнисот да обезбеди нова продажба на производите. Воедно и да се направи раст на потрошувачката.

Коронавирусот ни покажа дека се повеќе луѓе пребаруваат и купуваат производи и услуги онлајн поради ограничувањата и правилата за социјалната дистанца. Според истражувањето на OECD (Организација за економската соработка и развој) е-трговијата во моментов го достигнува врвот кај високоразвиените држави. Според нив е-продажбата во некои држави достигнува и до 40% раст во 2020-та година во споредба со 2019-тата. Што претставува скок од невидени размери. 

Луѓето не ги напуштаат своите домови толку често како порано и со самото тоа тие трошат многу повеќе време на Интернет од кога било порано. Употребата на Интернетот е зголемена за 25% во рок од неколку дена во средината на март 2020 година кога  Американците беа принудени да го поминуваат своето време пред компјутерите покажа анализата на Волтстрит журнал.

Исто како и светот и Македонија не беше имуна на ваквите промени. Според податоците објавени на веб страната на НБРМ во текот на првите 6 месеци од 2020 година реализирани се вкупно 4.300.584 трансакции за разлика од 2019-та година кога се реализирани 3.161.899 трансакции, што е зголемување за фантастични 36%.

Според Асоцијацијата за е-трговија на Македонија прометот кај домашните е-трговци во 2020 пораснал за 135% споредено со 2019 година. 

Дека нешто се менува во менталитетот кај Македонците покажува и бројката во новоотворени онлајн продавници. Тука се забележува зголемување од фантастични 43%. 

Само во 2020 година се отворени 439 нови онлајн продажни места, со што вкупниот број на е-продажни места на крајот на 2020 изнесува 1459.

Ваквиот тренд покажува дека Македонците во 2020 година имаат повеќе доверба во онлајн купувањето на домашниот пазар, а тоа го покажува и зголемената вредност на трансакциите со домашни картички. 

Коронавирусот е прва голема глобална криза откако дигиталниот маркетинг стана мејнстрим. Никогаш порано не сме се соочиле со ваква ситуација со таков пристап до информации за тоа како се менува и развива однесувањето на клиентот. А инфомираноста значи помош при носење на подобри одлуки за вашиот бизнис.

Она што го научивмe од коронавирусот е колку дигиталниот маркетинг може да биде важен за нашиот бизнис. Користењето на дигитален маркетинг ни овозможува контакт со клиентите кога други фактори не спречуваат комуникацијата да биде лична. Големите брендови научија дека треба да се грижат за нивниот виртуелен простор подеднакво како и за нивните физички излози. Моментално сведоци сме на одлично прилагодување од страна на големите компании.

Глобалната пандемија покажа дека маркетерите мора да продолжат да го редефинираат дигиталното искуство на потрошувачите на начин на кој иновативноста и емпатијата ќе бидат на прво место. Овој пат мораме да бидеме свесни дека најважната алка во пристапот на дигиталниот маркетинг е човекот пред се. Луѓето кои се занимаваат со дигитален маркетинг мора да најдат начин како да допрат до клиентите. 

За да го постигнат тоа мора да бидат внимателни, снаодливи, и да експериментираат со различни идеи, но најмногу од се да внимаваат на емпатијата во пристапот. Оние кои ќе одвојат време и ќе ја разберат оваа „нова нормалност“ и ќе прифатат агилен и автентичен глас, несомнено ќе си го заработат местото во ерата што следува по Ковид-19.

Ако сакате да сте во тек со сите светски трендови и да го проширите своето знање во дигиталниот маркетинг, посетете ја Академијата за Дигитален Маркетинг во Creative Hub.

Поврзани постови

          Pin It on Pinterest

          Share This