fbpx

Кариера во фронт-енд сѐ повеќе достижна и од Македонија

Во серијалот “Запознај ги предавачите” денес разговараме со Борјан Калиноски, предавач на Академијата за фронт-енд програмирање по модулите HTML, CSS и Bootstrap. Структура на програмата: 12 месеци предавања + 1 месец реални проекти + 2 недели курс за вработување + стажирање и гарантирана работа Како изгледа еден работен ден на Software Engineer? Creative Hub: Борјан, […]
Кариера во фронт-енд сѐ повеќе достижна и од Македонија
10.05.2023

Во серијалот “Запознај ги предавачите” денес разговараме со Борјан Калиноски, предавач на Академијата за фронт-енд програмирање по модулите HTML, CSS и Bootstrap.

Структура на програмата: 12 месеци предавања + 1 месец реални проекти + 2 недели курс за вработување + стажирање и гарантирана работа

Започни кариера во фронт-енд. Освој ваучер од 30.000МКД, 18.000МКД или 6.000МКД.

Прослави заедно со нас! Аплицирај за ваучер од 30.000МКД овде.

Како изгледа еден работен ден на Software Engineer?

Creative Hub: Борјан, најпрво добредојдовте во предавачкиот тим на Creative Hub. Во моментов работите како Software Engineer во CodeChem. Како изгледа еден ваш работен ден како Software Engineer?

Борјан: Најпрво сакам да изразам благодарност за можноста да бидам дел од предавачкиот тим на Creative Hub. Верувам дека за време на предавањата, студентите на фронт-енд Aкадемијата ќе го стекнат потребното знаење и искуство за да најдат работа како фронт-енд инженери. Иако Aкадемијата е со фокус на фронт-енд, целта на моите предавања ќе биде да ги подготвам студентите да размислуваат инженерски, со што тие ќе можат да се соочат со било какви софтверски проблеми, а не само проблеми поврзани со фронт-енд.

А сега, ќе продолжам со тоа што ќе Ви опишам еден мој работен ден како софтверски инженер. Технички, мојот работен ден започнува уште од вечерта пред спиење. Сите обврски за наредниот ден ги запишувам на лист кој всушност претставува мој водич во текот на работниот ден. Тоа го правам поради неколку причини. Првата причина е за да имам идеја и насока за тоа што треба да правам во текот на работниот ден. Втората причина е за да си го следам напредокот во текот на денот. Тоа ми овозможува да воочам колку од запишаните работи сум ги завршил, колку од нив не сум ги завршил, колку работи не сум ги предвидел и колку работи се појавиле непланирано. Мојата утринска рутина, заедно со листот со обврските, се постојани во сите мои работни денови. Она што е променливо се проблемите и предизвиците со коишто се соочувам како софтверски инженер. Секој ден, различен предизвик. Ретко се случува да решавам проблеми кои претходно сум ги решил. И тоа е убавината на оваа работа. Секојдневното соочување со различни и нови проблеми нè тера да размислуваме логички и креативно, со цел да го решиме проблемот што се наоѓа пред нас.

Покрај решавањето на нашите софтверски проблеми со коишто се соочуваме, друг дел од работата е наречен PR review, кој се состои од разгледување на работата што ја завршиле нашите колеги од тимот. Во PR review делот, го разгледуваме кодот што го напишале нашите колеги и доколку имаме некои забелешки или предлози за тоа како нешто може да се имплементира, го споделуваме со тимот. Овој дел од работата е многу важен бидејќи им овозможува на сите колеги да се запознат со разните делови од една софтверска апликација и се разбира ни овозможува да градиме квалитетен софтвер.

Повремено имаме тимски состаноци во кои се дискутира за работата што била завршена во претходниот период и се планира работата што треба да се заврши во наредниот период.

Во кратки црти, мојот работен ден е исполнет со: соочување со технички проблеми и решавање на истите, PR-review процес и тимски состаноци.

 

Љубовта за компјутерите ми се вроди уште во детството

Creative Hub: Што Ве инспирираше да започнете кариера во оваа област?

Борјан: Најголема инспирација за мене е љубовта во предизвиците што ги носи оваа кариера.

Уште како мал бев вљубен во компјутери. Обожавав да играм видео игри и го обожавав предизвикот што доаѓаше со нив. Процесот на симнување на видео игри од интернет, нивното кракирање, инсталирање и на крај, нивното играње, ми беше многу интересен и возбудлив. Татко ми беше паметен човек кој ја воочи мојата љубов кон компјутерите и така тој ме запиша на курсеви за компјутери наменети за деца. Таму научив многу работи и набргу станав „детето што инсталира игри“ во маало. И покрај сето ова, се запишав во средно медицинско училиште. Нема да навлегувам во причините позади таа одлука, но тоа дефинитивно не беше најпаметната одлука.

По завршување на средното образование, се запишав на ФЕИТ. Со оглед на тоа што во моето средно образование воопшто не учев и добивав двојки и тројки само колку да ја поминам годината и со оглед на тоа што немав никакво познавање на математика и физика, моето запишување на ФЕИТ воопшто не изгледаше на паметна одлука. Набргу сфатив и дека не разбирам ништо од тоа што се обработува на предавањата и дека доколку сакам да го завршам факултетот и сакам да создадам некаква кариера поврзана со истиот, морам да почнам сериозно да учам.

Конзистентноста, постојаното учење, одењето на приватни часови и истрајноста во најтешките моменти ја направија одлуката – запишувањето на ФЕИТ, да биде правилна. Во Јануари, 2021 год. станав дип­ло­ми­ран инженер во областа компјутерски технологии и инженерство и бев подготвен да ја започнам мојата кариера во програмирање.

 

Предавања, workshops, домашни задачи и работа на реални проекти

Creative Hub: На Академијата за фронт-енд програмирање Вие ќе го предавате модулот HTML, CSS & Bootstrap. Како ја структуиравте програмата?

Борјан: Програмата е структуирана на начин кој е прилагоден за секој студент. Сите оние кои воопшто немаат претходно искуство со програмирање и сите оние кои имаат некакво искуство и само сакаат да си го зацврстат своето знаење, ќе можат да ја следат програмата.

Во програмата спаѓаат предавања, workshops, домашни задачи и работа на реални проекти. Сите тие ќе го подготват студентот со знаење кое е потребно за еден фронт-енд програмер.

Повеќе детали околу структурата на програмата може да видите на следниов линк: https://creativehub.mk/front-end/

 

Статичка веб страна како реален проект

Creative Hub: По завршување на секој модул студентите работат на реален проект. Кој ќе биде реалниот проект кој ќе го работат по завршувањето на Вашиот модул?

Борјан: На крајот на овој модул студентите ќе треба да креираат статичка веб страна. Студентите ќе можат да изберат една од неколку понудени веќе-постоечки веб страни и тие ќе треба да ја рекреираат истата.

 

Студентите ќе стекнат вештини кои се есенцијални за успешен развој на нивната фронт-енд кариера

Creative Hub: Со кои вештини ќе се стекнат студентите на вашите предавања?

Борјан: По завршување на предавањата од првиот модул на фронт-енд Академијата, студентите ќе го имаат потребното знаење за креирање статички веб страни.

Најпрво ќе научат што е код едитор и како да го користат. Потоа ќе се стекнат со знаење за HTML и HTML атрибути. Потоа ќе се запознаат со CSS и ќе научат како да го користат во комбинација со HTML. Ќе умеат да направат разлика помеѓу CSS Flex и CSS Grid. Ќе се стекнат со знаење за респонзивен дизајн и со истиот ќе можат да креираат веб страни и за мобилни телефони и за десктоп компјутери. Потоа ќе научат што претставува Bootstrap, кој воедно на студентите ќе им го олесни креирањето на веб страни. Исто така ќе се запознаат и со Git и GitHub, каде што ќе можат да ги прикачуваат проектите на коишто ќе работат. Со решавање на домашни задачи, изработка на реален проект и со постојано вежбање и учење тие ќе стекнат вештини кои се есенцијални за успешен развој на нивната фронт-енд кариера.

Покрај вештините за фронт-енд програмирање студентите ќе научат како да размислуваат како програмери и инженери и како да решаваат проблеми во ситуации кога не знаат од каде да почнат. Според мене овие вештини се клучни во процесот на градење програмерска кариера.

 

Конзистентност, истрајност и упорност

Creative Hub: Дали имате некој совет до студентите, како можат да се справат со предизвиците на кои можат да наидат во текот на учењето на вашиот модул?

Борјан: Бидете конзистентни, истрајни и не откажувајте се. Доколку после некое време не успеете да најдете решение, побарајте помош. Академијата е опремена со одлични предавачи и одлична програма, а интернетот изобилува со информации околу проблемите со кои се соочувате. Слободно побарајте помош од мене, од вашите колеги или на интернет.

 

Секој може да успее

Creative Hub: Луѓе со каков background сметате дека можат да направат успешна кариера во полето на фронт-енд програмирање од Македонија?

Борјан: Во второто прашање споделив дека имам завршено средно медицинско училиште и дека успеав да најдам работа како софтверски инженер. Мојот одговор на ова прашање е: секој што сака, може да има успешна кариера како софтверски или фронт-енд инженер.

 

Има сѐ повеќе можности за лансирање на успешна кариера во полето на фронт-енд програмирање од Македонија

Creative Hub: Според Вас, какви се можностите за лансирање на успешна кариера во полето на фронт-енд програмирање од Македонија?

Борјан: Како што се дигитализира светот, така и се отвараат повеќе можности за работа за фронт-енд програмери. Оваа дигитализација е во подем и во Македонија и насекаде низ светот. Сопред мене, постојат и ќе постојат високи можности за лансирање на успешни кариери за фронт-енд програмери во Македонија.

 

Не размислувај премногу и соочи се со стравовите

Creative Hub: Што би им препорачале на оние кои се размислуваат дали да започнат кариера во фронт-енд?

Борјан: На оние што размислуваат да започнат кариера во фронт-енд би им препорачал да не размислуваат премногу и да се соочат со стравовите околу започнувањето на својата кариера во фронт-енд. Промената на кариера и започнување на нешто ново може да изгледа многу страшно и неизвесно. Знам, сум бил таму. Но, со доволно работа, посветеност и труд, тој страв може да прерасне во огромна можност и може да ги промени вашите животи на начин на кој претходно не сте можеле ни да замислите. Поставете си рок од Х месеци, посветете се целосно и видете што ќе се случи.

 

Уписите за октомвриската група се во тек, доколку сакаш да се приклучиш на оваа група аплицирај на формата на нашата веб-страница овде или јави се на 071 214 849.

Поврзани постови

          Pin It on Pinterest

          Share This